Friday, September 23, 2011

КОЈ Е ЧЕРНОЗЕМСКИ ?!?

             

Владимир Георгиев Черноземски и Владо Димитров Черноземски се псевдоними на лицето Величко Димитров Керин од с. Каменица, Пештерска околија. Величко Димитров Керин е роден во с. Каменица на 19 октомври 1897 г. од татко Димитар Величков Керин е роден во с. Каменица во 1873 г. и мајка Риса Христоскова Балтаджиева е од истото село, родена во 1875 г. Крстен е на 26 октомври 1897 г. в црквата в с. Каменица. Величко има еден брат и две сестри. Како малечок Величко е кротко, добро дете. Тој немал големо образование, завршил трети клас во с. Каменица, но бил многу радознал и љубопитен. Како младинец има слабост да се напива. Меѓутоа подоцна сосема се воздржува од алкохол и станува вегетаријанец.
Во 1922 г. станува член на ВМРО под името Владо Димитров Черноземски. Како член на ВМРО, под името Владо Черноземски, Величко Керин влегува со чети во Македонија и се истакнува како многу храбар, извонредно спокоен и дрзок. За Черноземски неговиот најдобар другар Мирчо Кикиритков го изјавил следното : “Со Владо сме пријатели уште од детство. Во 1922 г. бил шофер на еден од камионите на тутунскиот трговец Каракостов во Дупница. За време на настаните во Ќустендил во 1922 г. го напушти шоферството и станува член на ВМРО. Владо влегувал во Македонија со чети и учествувал во борби повеќе од 15 пати, во кој се покажал како многу храбар и извонредно спокоен, кое што спокојство достигнувало дури до дрскост. На неколку пати влегувал во Штип. Додека другите се криеле, тој најспокојно одел во крчмите да пие пиво, иако не знаел српски. Тетоважата му ја направив во затворот на V-от полициски участок, а тој ми ја направи мене.” Бил познат како ладнокрвен по карактер, бестрашен и еден од најдобрите стрелци во организацијата. Черноземски ја поседува и неопходната интелигенција за извршување на особено важни акции. Како на еден од најдоверливите лица во организацијата му се доверуваат исполнувањата на редица одговорни задачи. Една од нив е ликвидирањето на народниот претставник Димо Хаџидимов – еден од најактивните комунистички и прокоминтерновски функционери во македонската средина. Смртната казна ја извршува на 12 септември 1924 г.
На 12 декември 1930 г., на ул. “Руен” бр.23, е убиен од заседа македонскиот деец и граѓанин на Софија Наум Томалевски. Тој е погоден со два манлихерови куршуми, од кој едниот ги пробил црниот дроб и срцето, како резултат на што настапува смртта. После кратко време убијците се уапсени и се укажува, дека тоа се Владимир Георгиев Черноземски од гр. Штип и Андреј Манов Димитров од с. Ранчовци, Штипско, кој што после престрелката е ранет и следното утро починува од раните.
Во средината на македонските револуционери Владо се одликува со својата скромност, смелост и снаодливост, со што ја стекнува довербата и уважувањето на Тодор Александров, на раководителите на четите во Македонија, а подоцна и на Иван Михајлов. Паѓала в очи големата
негова снаодливост и изобилие на идеи за практични работи. Се покажал наполно дисциплиниран, со голема воља и главно решен на саможртва. Во сите разговори за акции, каде што тој учествувал, истакнувал дека не треба да се води сметка дали тој ќе остане жив или не, туку да се мисли само за успешното исполнување на планот. Неговиот фанатизам се граничи со саможртва.
Така, во 1927 г. тој му предлага на ЦК на ВМРО да се опаши со рачни бомби и да експлодира во главната заседавачка сала на Друштвото на народите, за да го привлече на ваков потресен начин вниманието за болното македонско прашање, откако петициите и молбите на македонското население не влијаеа со соодветна рекција од светската јавност.
Од 15 јули 1932,г. трагите во Софија му се губат. ВМРО раширила глас, дека е убиен по нејзина заповед.
Меѓутоа Величко Керин (Владо Черноземски) е испратен од ВМРО кај Анте Павелич како инструктор, во Јанка Пуста – Унгарија, како подготовка за покасно изведениот атентат врз кралот Александар.
Ова е накратко приказната за овој голем настан во 20 век, кој е уште еден крик против неправдитврз поробениот македонски народ. Уште еден бисер во герданот на македонските херои и бескомпромисни борци во борбата за слобода. Марсејскиот атентат е важен настан спроти Втората светска војна. Во него се преплетени дипломатските и политички сплетки и интереси на големите држави и постоечките проблеми меѓу државите од југоисточна Европа. Така овој настан ќе остани вечно запаметен во сеќавањето на Македонците како еден голем настан од борбата за својата слобода.









No comments:

Post a Comment