Saturday, December 18, 2010

филики етерија

Во почетокот на март 1821 година генералот Ипсилантис својата балканска војска, собрана од балканските народи што емигрирале во Русија, ја префрлил преку реката Прут од руска Бесарабија во Молдавија. Ипсилантис се надевал дека ќе го искористи востанието на романското население, кое предводено од Тудор Владимиреску, се кренало против домашните властодржци за да ја помогне борбата за слобода на класичните грчки земји. Ниту романското, ниту српското, ниту бугарското, ниту македонското население не му верувале на Гркот Ипсилантис ниту, пак, сакале да се поистоветат со угнетувачката власт на грчките фанариоти и не и се придружиле на неговата војска! По поразот на неговата војска од османлиската во битката кај Драгачан во 1821 година, Ипсилантис бил принуден да побегне на хабзбуршката територија, со што мисијата му доживеала неуспех.
Во знак на одмазда за обидите на Ипсилантис да организира востание против султановиот режим, османлиските власти на 10 април 1821 година го обесиле вселенскиот патријарх Григориј V на една капија на Патријаршијата во Цариград. Поради истиот причина, во знак на одмазда, биле убиени повеќе грчки епископи. Григориј V и Светиот синод, составен од најстарите митрополити на Православната црква, издал прогласи во кои остро ги осудил Ипсилантис и неговите востаници во Молдавија прогласувајќи ги за бунтовници и од османлиската власт и од Божјата волја. Меѓутоа, патријархот бил обесен затоа што не го испочитувал договорот со Османлиите, според кој, во замена за слободното проповедање на верата од патријархот се очекувало да дејствува како гарант на покорноста на православното население кон османлиската држава. Три дена подоцна телото на Григориј V и било предадено на еврејската заедница бидејќи во градот владеело огромно нетрпение меѓу еврејската и грчката заедница. Евреите го одвлекле телото и кај Златниот рог го фрлиле во море. Подоцна една грчка посада го извлекла телото и на руски брод го пренела во Одеса. Во 1871 година телото на Григориј V било вратено во Грција. На стогодишнината од неговото погубување Григориј V официјално бил прогласен за светител на Православната црква.
Преместувањето на седиштето на Филики етерија во 1818 година во Цариград имало цел да го засили агитирањето кај сите христијански народи на Балканот да ја поддржат идејата и бидејќи во Цариград, како главен град на империјата, европските сили имале свои амбасади, Друштвото сакало преку нив Европа да се запознае со подготовките на христијанските балкански народи за борба за ослободување од османлиското владеење. Европските големи сили речиси биле обединети за поддршката и за симпатиите кон грчката ослободителна борба. Долговековниот османлиски окупациски режим врз балканските народи тие го доживувале како туѓо тело на европската територија. Помошта на Грција и ја давале и како поддршка во одбраната на христијанството и за да се спречи навлегувањето на исламот во централниот и во западниот дел од Европа.Во почетокот на март 1821 година на Пелопонез дошло до неколку вооружени судири меѓу месното население и османлиската власт. Подоцна вооружените судири добиле пошироки размери. На 25 март 1821 година архиепископот Германос го објавил почетокот на Грчкото востание против османлиската власт. Меѓутоа, набрзо по ослободувањето на Пелопонез грчките востаници се поделиле на т. н. воена и цивилна партија. Воената партија ја предводел Теодорос Колокотронис, а цивилната Александрос Маврокордатос. На првото востаничко собрание во јануари 1822 година во Епидариус бил направен обид за помирување на овие две партии. На ова собрание бил донесен привремен устав, кој бил изработен според францускиот Устав од 1795 година. Донесувањето на овој устав всушност значело победа на цивилната партија. Меѓутоа, не дошло до фактичко помирување меѓу воената и цивилната партија. Покрај борбата за ослободување од Османлиското владеење, во Грција паралелно се водела и граѓанска војна, која имала негативни последици врз развојот и врз успехот на вос

танието.

филики етерија

Првото српско востание во 1804 година почнало како одговор на засиленото и неподносливо угнетување од страна на јаничарите. Тие настани постепено добиле карактер на националноослободително востание и влијаеле како охрабрувачки пример за христијаните и како доказ за ранливоста на османлиската власт. Со Ичковиот мир од 1806 година Србија добила статус на политичка автономија во рамките на империјата. Во 1815 година, со одредбите на Виенскиот конгрес, јонските острови биле прогласени за формално независна држава под протекторат на Велика Британија. За Грците тоа претставувало силен поттикнувачки мотив за приближување кон британската влада и за борба против османлиската власт, со оглед на тоа дека еден дел од грчката територија веќе не бил под османлиско владеење.
Задоени од претходните настани и под влијание на ослободителните идеи за севкупно христијанство на Балканот, во 1814 година во Одеса (Русија) се собрале Емануил Ксантос, Атанас Цакалов (по потекло Македонец) и Николаос Скуфас, сите емигранти во Русија, и го основале друштвото Фелики етерија (Пријателско друштво), со единствена цел, со вооружено востание да ја ослободат татковината од османлиското владеење, со главен град Цариград. Тоа значи дека некој од основачите на друштвото немал претстава за географските граници на татковината, ниту за тоа што спаѓало во неа. Друштвото Фелики етерија било под силно влијание на масонството, односно на Слободните ѕидари. Членовите на Фелики етерија биле максимално дисциплинирани во однос на спроведувањето на заговорничките правила. Организацијата на друштвото била поставена според хиерархијата на седум степени: 1) побратими; 2) препорачани: 3) јереј; 4) пастири; 5) архипастири; 6) посветени; и 7) началници на посветените.
Во својата преписка етеристите користеле посебна шифрирана азбука од 22 знака составена од грчки букви и од арапски бројки. Приемот на нови членови во друштвото се вршел според сложените обреди на масонството, а секое издавање на неговите тајни се казнувало со смрт. Поради тоа друштвото немало поголеми успеси во првите години од постоењето. Сепак, од 1818 година, откако центарот од Одеса бил преместен во Цариград, значи поблиску до Грција, почнал да се зголемува бројот на членовите. Друштвото пуштило глас дека Русија ќе им помогне на балканските народи при ослободувањето од Османлиите. Под силна пропаганда за ослободување на православните народи од османлиското владеење, со помош на големата православна Русија, почнале подготовките за општо балканско востание. За водач на востанието бил предложен рускиот генерал Александар Ипсилантис.
На Русија и бил потребен излез на Медитеранот заради обезбедување на трговијата, особено со жито, затоа што најголемата руска житница се наоѓала во јужниот дел од земјата, а најпогодниот и најкраткиот пат до најголемите светски потрошувачи минувал низ Босфор, Дарданели и Средоземното Море. Користењето на тој правец било безбедно само за оној што имал превласт на Балканскиот Полуостров. Поради тоа сите руски владетели и влади работеле на проширување на Русија во тој правец. Прво, требало да се навлезе до Азовско Море, потоа до Црно Море, и на крај, преку Босфор и Дарданели, до Средоземно Море. Извршувањето на таа задача имало различни форми, текови и содржини.
Од балканските земји најпогодна да се реализираат руските интереси била грчката територија. Во втората половина на XVIII век руската војска и нанела тежок пораз на османлиската. Владата на Катерина II (1762-1796) на 10 јули 1774 година во Кучук-Кајнарџи склучила Спогодба за мир меѓу Русија и Турција. Со оваа Спогодба, турската влада и го признала на Русија правото на заштита над Руската православна црква во Турција. Во исто време дошло до спогодба меѓу Катерина II и австрискиот цар Јосиф II, во случај на евентуална поделба на Балканот, северозападните делови на Балканскиот Полуостров да и припаднат на Австрија, а југоисточните на Русија. Под тие услови Јосиф II дал согласност Русија да го формира големото "Грчко царство" во границите: Дунав, Црно Море, Мраморно Море, Егејско Море, Средоземно Море, Јонско Море и Јадранско Море, со права линија повлечена од вливот на реката Дрим во Јадранско Море до устието на реката Сава во Дунав, односно Белград.
На престолот на таа држава требало да дојде внукот на Катерина II, рускиот голем кнез Константин. На тој начин Русија би добила превласт не само на Балканот, туку и на голем дел од Медитеранот. Меѓутоа, во тоа време не дошло до распаѓање на Османлиската империја, ниту до основање на грчка држава на територијата на речиси половина од Балканскиот Полуостров, но биле поставени основите на руско-грчкото пријателство, што доаѓало до израз во секоја кризна состојба на Балканот или на Медитеранот.

No comments:

Post a Comment