Wednesday, August 15, 2012

Роден на денешен ден, Наполеон Бонапарта



Идниот цар на Франција е роден на Корзика на 15 август 1769 година, како син на Карло Бонапарта Марија Латиција Рамолино. На малиот му дале име Наболионе ди Бонапарте, а дури подоцна ќе стане Наполеон, со француски призвук.
Татко му бил адвокат и благодарение на тоа што работел како тужител и судија во француската управа бил избран за корзикански претставник на дворот на францускиот крал Лук Шести и така стекнал грофовска титула. За одгледувањето на малиот Наполеон се грижела мајка му, била решителна и строга и силен лик во неговото детство. Бил многу немирно дете, рано научил да плива, уживал да се качува по дрва и да се тепа со другите деца, па не чуди што го викале Рабулионе (Немирко). На пет години тргнал во училиште, а веќе во 10та станал стипендист на кралскиот колеџ во Аутун, источна Франција. Потоа се запишал во француско воено училиште. Бидејќи дома зборувале корзикански морал да научи течен француски, иако целиот живот ќе зборува со корзикански акцент. Во 1784 година е примен во угледната Кралска воена школа во Париз каде двегодишните студии ги завршил само за една година. Веднаш добил полковнички чин, и веќе во 1786 година ги презел своите воени должности. Тогаш имал само 16 години!
Се до избувнувањето на Француската револуција живеел на југот на Франција прилично сиромашно и без изгледи за промени во статусот. Многу читал а и пишувал на различни политички теми, но и за животот на луѓето.Кога старото француско кралство е растресено до темел, Наполеон се враќа на Корзика, а таму активно учествувал во политичкиот живот на островот. Станал наредник на одредот на доброволци, но во април 1793 година морал да избега од Корзика заради споровите со локалните моќници. Но во јули, веќе е во војска која се бори во Италија, а потоа е испратен во Авињон, каде што е ранет. Сепак градот го освоиле и Наполеон е унапреден во генерал на бригадата. Се поврзал со револуционерниот водач Робеспјер, а по падот на Робеспјер вратен е на првобитната положба и повторно немал шанси за напредување. Следните месеци ги поминал во беда. Но во 1795 година кога на почеток на октомври поддржувачите на монархијата почнале оружен напад во Париз, Наполеон е назначен за водач. По големиот успех во Париз стекнува голема слава и наклонетост на новата револуционерна влада. Така станува генерал, а подоцна и главен водач на војската во земјата.


Во војните против Австрија, се покажал во вистинското светло, а заради неговиот добар однос го сакале и најобичните војници. На чело со Барас, Наполеон полека успева да ја преземе потполната власт над Франција. Како генерал бил незаситен па продолжил со освојувања, следува воениот поход на Египет за да го отежне поминувањето преку Индија на англиската војска, а во тоа време Англија ѝ била главен непријател на Франција. Иако акциите во Египет може да се наречат воен и политички неуспех, во културна и научна смисла тоа не било така. Научниците и писателите што ги понел со себе оттаму се вратиле како победници, а знаењето го објавиле во 22 книги „Египетски описи“, дело што останува темел на следните генерации за изучување на египетската цивилизација. Во октомври 1799 година се вратил во Париз а народот во него гледал како победник, како човек што донел мир во Европа. Но тоа било погрешно. Не сакајќи на Директориумот да му ја препушти заслугата за воспоставување на мир, Наполеон се поврзал со поборниците за државен удар. Во овој заговор му помогнал и брат му Лусиен. Така набргу ја презел комплетната власт во Франција, станувајќи прв конзул. Со крајот на Француската револуција положбата на Наполеон уште повеќе се зајакнува и тој станува доживотен прв конзул. Во Франција го средил образованиот систем, даноците, основал централни банки, составувал напредни закони… Секако не го запоставил ниту военото поле, ја нападнал Австрија во 1800 година, а таа поразена потпишала примирје. Склопен е и мировен договор со Англија. Во договор со папата Пио Седми Наполеон се крунисал на 2 декември 1804 година во Нотр Дам во Париз за цар на Франција. Потоа со царската круна ја овенчал и сопругата Жозефина. Кон крај на мај 1805 и во миланската катедрала се крунисал за крал на Италија. Овие постапки на „самокрунисување“ ги разлутиле неговите пријатели, меѓу кои и Бетовен, кој својата Трета симфонија сакал да ја посвети на Наполеон, но од тоа се откажал.

Жозефина

 Суетниот Наполеон не се грижел многу за туѓите мислења и никого не слуша, па и покрај советите да не влегува во војна со Русија сепак во 1812 ја повел својата огромна војска во напад на Русија. Тој потег бил почеток на крајот за него. По страшниот пораз во Русија по кој останал само со 30.000 војници против него во ист период војувале Прусија, Англија и Русија. На 6 април 1814 година Наполеон потпишува дека се одрекува од престолот. Но противниците не барале ништо помалку од тоа што тој го барал од нив – потполна и безусловна победа. Така Наполеон потполно е покорен на 11 април 1814 година, напуштен од сите, и го преселиле на островот Елба. Но само по 10 месеци тајно ја напушта Елба и се враќа на француското копно, бил дочекан кај Гренобл од петтата бригада на која и се обратил – Војници, препознајте ме, секој кој од вас сака да го стрела својот цар нека го направи тоа веднаш! Војниците пак по краткиот молк по стара навика извикале – Да живее царот! И веќе на 20 март истата година (1815) царот бил назад во Париз, а кралот Луј 18 побегнал. Започнале 100 дена на Наполеон.
 Веста за неговото враќање се проширила низ Европа како пожар.

гробот на Наполеон во Париз

Неговите непријатели одлучиле еднаш засекогаш да го докрајчат. Одлучувачката битка е водена кај Ватерло (Белгија), Наполеон најпрв о ги победил Прусите, а потоа ги нападнал Англичаните. Но кога Прусите и Англичаните си ги споиле силите против Наполеоновата војска, следувал пораз. Победничките сојузници 2 јули влегле во Париз, а Наполеон официјално предавање потпишал на 15 јули 1815. Прогонет е на островот Света Хелена во јужниот Атлантик, сместен во трошна куќичка и бил чуван од голема војска. Без пари. Првите неколку години многу пишувал, ги собирал сите свои сеќавања, критикувал… И воопшто не излегувал од куќата цели две години. Полека го напуштало здравјето. Умира на 5 мај 1821 година, а неговите последни зборови биле – Франција, војска, Жозефина…
Кратко пред смртта го замолил докторот да го однесат неговото срце во Парма и да ѝ го дадат на неговата драга Марија Луиза со порака дека никогаш не престанал да ја сака. Сакал да биде погребен покрај Сена во Париз, но сепак е погребен на Света Хелена, од каде што неговите посмртни остатоци се пренесени во Франција дури во декември 1840 година.

No comments:

Post a Comment