Saturday, February 11, 2012

НЛО-а во Југославија







Убавините на Пелистер


Планинскиот масив Пелистер е типичен хорст издигнат долж повеќе раседи кои го одделуваат од Пелагонија и Преспанската котлина. Денешното издигнување на масивот изнесува 6 милиметри годишно. Со оглед на тоа што примарната структура на Пелистер претставува батолит, голем дел од карпестите маси се претставени со магматски карпи, пред се гранити и гранодиорити.


 За да ги доживеете со свои очи убавините на Пелистер потребна ви е желба и пред се добра кондиција. Мојата омилена тура започнува од Нижеполе. Тоа е село сместено во подножјето на планината, до каде можете да стигнете со возило. Од тука патот, води низ терен без шумска вегетација, а попатно има по некое изворче за да ја изгасите жедта. По околу 2 и пол часа пешачење и искачени повеќе од 1.000 метри висинска разлика, пред вас ќе се појави прекрасното Големо Езеро, сместено во еден цирк. Според постанокот ова е глацијално езеро и е резултат на плеистоцената глацијација која ги зафатила овие простори. Со оглед на големата надморска височина (2.200 метри) не ретко можете да сретнете снег и мраз дури и во летните месеци јуни и јули. Веднаш до самото езеро се наоѓа планинарски дом, кој воедно е дом на најголема надморска височина во Македонија. Ноќевањето на ова место претставува посебно доживување.



Турата продолжува рано наутро, а следна цел е врвот Пелистер (2.601 м.) до каде се потребни околу 3 часа пешачење. Патеката кон врвот води по сртот, се минува над еден фосилен цирк и следи Малото Езеро. Димензиите и длабочината на ова езеро се значително помали споредено со Големото, а водата е нешто потопла. И конечно врвот Пелистер или “Антена” како што милуваат да кажат битолчани, а и името Димев врв (по Димитар Илиевски – Мурато, легендата на македонското планинарење и првиот македонец кој го освоил врвот на светот) е често употребувано. Од самиот врв има што да се види. На едната страна ја имате цела Пелагонија на дланка, а од другата страна Преспанското езеро со Галичица во позадина. Долго задржување на врвот не е препорачливо, па така по малиот одмор и пауза за ручек се тргнува во правец на планинарскиот дом Копанки. Делот од патеката кој води по сртот е по малку опасен и треба многу да се внимава, а движејќи се по голите карпести маси од гранодиорити се минуваат врвовите Илинден и Стив. На овој дел од масивот се забележуваат камени реки, значајна периглацијална појава која на Пелистер е мошне репрезентативна и претставува реткост за Балканскиот полуостров. Спуштајќи се кон Копанки, некаде под 2.000 метри надморска височина започнува и шумската вегетација – претставена со петоигличниот бор Молика. Од врвот до овој планинарски дом (на околу 1.600 метри н.м.в.) има не повеќе од 4 часа. Овде е предвидено второто ноќевање. Овој планинарски дом е на прекрасна локација, опкружен со шуми, а условите во домот се солидни. Кога домот е полн, секако и дружбата во вечерните часови е неизбежна, па сите се собрани во салата и дискутираат на најразлични теми, гледаат ТВ или едноставно уживаат во планинскиот чај.




Наредниот ден турата завршува, а такси за Битола можете да фатите од пред хотелот “Молика” кој е оддалечен 25 минути пешачење од домот, а секако оние кои сакаат уште да пешачат и да заштедат има можност да се спуштат до селото Магарево, кое се наоѓа во подножјето на Пелистер.

Овој национален парк е воедно и еден од најубавите предели во Република Македонија, секогаш интересен како од географски и биолошки аспект така и за планинарите, љубителите на природата, скијачите… Ако некогаш имате можност да го посетите Пелистер не се двоумете, затоа што само така можете да ги запознаете убавините на Македонија.

Како се складира нуклеарниот отпад ?


Радиоактивност е својство на некои врсти на атоми да ja променуваaт нивната атомска структура и притоа да емитираат енергија во вид на зрачење. Таа промена се нарекува радиоактивно зрачење. Кога се зборува за опасностите од зрачењето обично се мисли на јонизирачкото зрачење. Тоа е зрачење кое има доволно енергија за да се јонизираат атомите во телото. Како резултат на тие јони се нарушуваат биохемиските процеси во клетките , кои можат да доведат до пореметување во нивното функционирање и споделување и со тоа да се дојде до една сериозна болест како што е ракот. На јонизирачко зрачење обично се подразбира α, β, γ и х зраците, космичките зраци и неутроните.


За да се спречи ослободувањето на радиоактивноста од нуклеарните централи каде што се применува оваа многу опасна материја, треба да се предвидат низа заштитни мерки. Човекот мора да мисли на таканареченото трикратно осигурување кое ќе ја оневозможи радиоактивноста. Заштитните уреди и бетонската купола не треба да се сметаат за конечни мерки за заштита. Стручнаците ќе мораат да изнајдат други сигурносни мерки со цел да не се пофторат катастрофите до кои дојде во последните децении. Се разбира и нуклеарните централи имаа свој век на траење. Се смета дека тие можат да траат 20 до 40 години. Се поставува прашањето како тие ќе бидат конзервирани, зошто радиоактивните материи имаат способност да здрачат и илјада години. Покрај тоа треба да се реши прашањето на складирање на отпадните нуклеарни материи
.                 
                                                                                           
 Сега тие се складираат во посебни бетонски или лимени сандаци кои се пуштаат во морските длабочини или во подземните простории. Нивното зрачење е мошне ризично за околината не само за нашите генерации туку и за генерациите што доаѓаат. Иако некои земји не поседуваат атомски или нуклеарни централи и други нуклеарни постројќи, тоа не значи дека се ослободени од радиоактивното зрачење. Најголемиот број на нуклеарни централи се сместени во Западна Европа, Северна Америка, Јапонија и во други земји. До осумдесетите години во светот имаше околу 350 нуклеарни електрани, во градба се уште 217, а се планираат уште околу 140 нуклеарни централи.

Напишал: Глигорије Џилвиџиев

 извор:  http://www.igeografija.mk