Saturday, December 18, 2010

На 19 декември 1921 е роден Македонскиот поет Блаже Конески

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и виден книжевен, културен и јавен работник: академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Конески е вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата итн.).
Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкјевич, Неруд, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици. И ден-денес неговото име се споменува доста често во научните и културните кругови.
Како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Конески е еден од ретките поети кои не само што вложуваат толку напор да го осознаат самиот креативен процес туку имаат и смелост и капацитет сознанијата да им ги приопштат на идните читетели. Впрочем, најтипичниот пример е есејот „Еден опит“ во кој Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.
Легендите, што подоцна ќе најдат обработка и во некои мои текстови, јас не сум ги запознал од книги, ами сум ги слушал од старите во својата селска куќа, во првото детство, - се потсетува Конески укажувајќи: Уште оттогаш преминала во мене Стерна, страшната подземна вода. Уште со овие реченици Конески децидно укажува дека тој не ја создава својата поезија од ништо, туку, напротив, воспоставува жив, интимен дијалог со претходната усна или писмена поетска традиција. Оттука, предлагајќи го тријадниот модел: традиција-колектив-автор, Конески смета дека и тој самиот нужно создава во дослух како со постојната културна традиција така и со јазикот, сензибилитетот, кодот и духот на колективот, како и на сопствената епоха: Јас вршев иновација, ги вклопував старите пораки во современ израз и ги варирав по начин што му одговара на интересот на современиот човек.
Еден од најинтригантните теоретски пунктови за креативниот процес е (хипо)тезата на Конески за откривањето на песната. Тој и самиот истакнува дека има впечаток дека никогаш не сум бил разбран како што треба, особено ако се има предвид дека оваа негова теорија не е само чиста шпекулативна конструкција, туку дека таа е негово интимно, реално поетско доживување или, како што самиот вели, еден вид чувствена сензација. Всушност, при настанувањето на неколку најпознати, антологиски песни Конески доживеал една речиси мистична визија: одеднаш бев обземен од чувство дека јас песната заправо не ја пишувам, ами ја откривам. Всушност, идентификувајќи се себеси како откривач на песната, Конески ја демонстрира својата скромност, настојувајќи да се ослободи од речиси неизбежната творечка суета. Притоа недвосмислено истакнува дека веројатно не е прв поет и уметник кој дошол до тоа сознание.

No comments:

Post a Comment