Monday, January 2, 2012

Почина Киро Глигоров



Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Функцијата Претседател на Република Македонија ја извршуваше во два мандата од 1991 година до 1999 година. 


За претседател на РМ беше избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието на Република Македонија, а по втор пат на 19 ноември 1994 на претседателски избори. Функцијата претседател на Републиката ја врши до 19 ноември 1999 година.


Многу измешани емоции, многу контрадикторни објави по социјалниве мрежи, но само еден факт - денес, на 94 години, умре Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија.


Дури пред малку прочитав дека утре ќе биде прогласен ден на жалост, иако по она што се случува на медиумите во Македонија, би помислиле дека тоа е последното нешто што би се направило за да му се оддаде почит на човекот, кој го заслужува тоа.


Киро Глигоров можеби има направено грешки, ама кој нема? Зарем може да се оспори фактот дека тој е човекот што имаше храброст да ги направи тешките потези да ни обезбеди држава, кога никој друг ја немаше? Заборавивте дека привремената референца е компромис за да може нашата држава да влезе во ООН и да ги добие сите права како држава, наместо да остане во некој вакуум простор, во кој ќе беше подложна на распарчувањето кое го планираа Србија и Грција?


Сè додека нешто е привремено може да биде променето. Но, она што е трајно е шансата што Киро Глигоров ни ја обезбеди со добрата дипломатија (иако навидум во безизлезна ситуација), шансата ние сега да живееме во сопствена држава, во Македонија! Ако не беше тој, којзнае дали воопшто ќе бевме тука? Никогаш не го заборавајте тоа! Исто како што не треба да заборавите дека овој човек, нашиот прв претседател одбил поткуп од Грците, и тоа добар поткуп, за трајно да го промени името на државата....


Тешките времиња бараат тешки одлуки. Киро Глигоров, во дадените ситуации, ги имаше направено најбезболните одлуки, затоа што на крајот на краиштата, ни остави нам отворена рака и шанса да ги решиме проблемите онака како што сакаме да ги решиме. Но најважно - ни ја остави шансата! Токму затоа - почивај во мир, голем човеку!

                                          

No comments:

Post a Comment