Saturday, May 28, 2011

ЗOШTO TOНЕ МAKEДOНИЈA?



Забелешка на авторот: Текстот е напишан во 2008 година пред тогашните вонредни избори но ми се стори дека не е лошо уште еднаш да го репризираме. Заради пораките и поуките...

                                                                                 * * *

Пред нас се вонредни парламентарни избори на кои треба да ги избереме оние кои ќе не водат во наредните години. Резулатите засега ги оставам настрана, иако анкетите зборуваат за уште еден триумф и мандат на сегашната владејачка гарнитура. Има едно прашање кое како по правило секогаш ми се поставува пред сите избори - Зошто тоне Македонија и тогаш кога на власт се едните и тогаш кога се на власт другите? Повремените проблесоци на успех овде онде повеќе ги доживувам како пролетени метеори во ноќта отколку како вистински одраз на промислена политика која води кон резултат за општо добро на нацијата. Гневот од тапкањето во место уште повеќе ме совладува кога знам дека на ова  богато и плодно парче земја што се вика Република Македонија, живеат (само) 2 милиони луѓе!  И тоа не обични туку луѓе со богата историја и култура, припадници на народ (и народи) кои ја задолжиле светската историја и цивилизација. Истите тие каде и да отидат - успеваат (!) значи способни,  а овде во сопствената земја се борат со сиромаштијата, невработеноста, со диктатот (некаде и диктатурата на моќните партиски или финансиски олигархии), потонати во безнадежност, апатија очај...
И сега, пред овие избори на кои пак ни се нуди некоја опиплива надеж, пак си го поставувам истото прашање - Каде се корените на злото што не турка во бездна и не ни дозволува да се одлепиме од земја. Ако ништо повеќе барем да нема гладни....
И покрај сериозниот број апологети на теоријата на заговори (кое помалку или повеќе можеби навистина и постои), одговорот на поставеното прашање сепак ќе мора да го побараме овде и тука меѓу нас. „Изворите на злото“ кои како оловни тегови две децении не влечат кон дното, сепак се наши – македонски и што побргу тоа го разбереме толку подобро за нас!
Најпрво, она што во изминатите два месецa предизвика најголем интерес и расправии во македонската јавност (кои сеуште траат), а тоа е отсуството на национално единство за виталните и стратешки интереси на Македонија. Декларативните заложби брзо се топат пред налетот на теснопартиските интереси. Дури и за такви прашања како што е приемот на Македонија во ЕУ или НАТО, за што постои речиси плебисцитарна стопостотна поддршка кај македонските граѓани, двата главни политички субјекти на политичката сцена имаат различни видувања - едните се за влез во овие институции „по секоја цена“ сега и веднаш (!), а другите се за влез но не по секоја цена! И така ова прашање заедно со прашањето за спорот со Грците за нашето име кое е во тесна врска со претходното, стана централно прашање на нивните изборни кампањи! „Олеснителна“ околност е што и по две децении Македонија нема изготвено општоприфатлива национална програма за развој на земјата. За разлика од научните академии на соседните земји (Албанија, Србија; Бугарија, Грција) одамна изготвија такви програми по кои работаат нивните влади, нашите мудри глави од МАНУ сеуште анализираат... анализираат... анализираат.... Помеѓу две кавги за хонорари и дневници...
Дефектите во нашиот демократски систем се вториот основен извор на нашите проблеми. Нашиот Устав има генетска вродена маана која оневозможува контрола врз власта, па така демократијата се сведе на состојба во која народот може да кажува што сака, а власта (поточно Владата) да прави што сака! Онака демократски... Додуша по Уставот и законите, контролната функција е доверена на Парламентот кој може да ја избере но и разрeши аздисаната и корумпирана Влада. Арно ама праксата од изминатите години го покажува токму спротивното – Парламентот одамна е претворен во обичен сервис на било која Влада! Зарем некој очекува дека пратениците кои по правило се дел од вториот или третиот ешалон некогаш ќе побараат одговорност од Владата во која (пак по правило) се наоѓа првиот ешалон односно раководството од матичната партија? На пример пратеникот Ѓорчев да побара одговорност од премирот Грувски или Бендевска од (евнтуалната) премиерка Шекеринска! Теоретски – Да, ама ај нека проба... А да замислиме поинаква ситуација – највисоките раководства на партиите да останат во Парламентот, а во Владата да бидат избрани лица кои немаат партиска функција, ќе имаме ли контролирана Влада?
Поврзано со претходното е и прашањето за деформираната улога на партиите во нашиот систем! И нивните сегашни програми јасно ја покажуваат нивната неприродна деформирана улога да функционираат како држави во држави – тие вработуваат (ДПА – 100 иљади Албанци!), тие признаваат држави (ДУИ ќе го признае Косово!), а ВМРО ДПМНЕ и СДСМ нема прашање што го заборавиле дека ТИЕ ќе го средат. Во „нормалните држави“ тоа се прашања од доменот на државните органи, а политичките партии само ги промовираат генералните правци на развој на државата. Кај нас нормално се е поинаку и наопаку – партиските органи одамна ги супституирале државните институции и тие одлучуваат за се’ – од приемот на чистачка до примот во НАТО! Партиската припадност (и лојалност кон водачот) е основен критериум за вработување, напредување или добивање на функција! Сите вредносни (па и морални) критериуми паѓаат пред налетот на партиската книшка која се претвори во carte blanche за влез во системот! Се што е надвор од тој систем е туѓо, невредно, беззначајно... Одтука и поделбата на „наши“ и „ваши“ проследена со висок степен на нетрпеливост и омраза меѓу припадниците на едната или другата опција, од најгоре па се до најзафрленото село, до последната фамилија.... Наместо конкуренти добивме непријатели, наместо борба на идеи и програми присуствуваме на гладијаторска борба за власт по секоја цена вклучитeлно и меѓусебни пресметки. Во еден таков амбиент (последните пресметки меѓу ДУИ и ДПА се само парадигма на хроничната болка на сите избори досега), ниедна програма не може да успее колку и да е добра и реално спроведлива.
Ирелевантно е за нас (М.м.е) Кој прв почна?
Додека течат изборите, а Македонија и натаму тоне во Балканската баруштина, само по себе се поставува прашањето: ИМА ЛИ ДНО?

No comments:

Post a Comment