Wednesday, February 23, 2011

На 24 Февруари почина македонскиот револуционер Христо Татарчев

Христо Татарчев е роден 1869 година во Ресен на 16 Декември.Тој бил македонски револуционер, основоположник и прв претседател на Македонската револуционерна организација во Солун.
Тој бил од богато банкарско семејство.Негов брат е Михаил Татарчев,а негов братучед Божирад Татарчев,исто така револуционери на Македонската револуционерна организација.
 Основно образование учел во родниот град, а потоа се префрлил во Пловдив.За овој период Татарчев истакнува: Слободниот живот во Брацигово, политичките борби во Пловдив (казионисти обединисти и сл.), ученичките бунтови, социјалистичките идеи, слободно проповедани, соединувањето на Тракија со Бугарија, што го преживеав во Пловдив, - сето тоа влијаеше кај мене да се формира посебен светоглед за слободата на човекот и на народите. 
Средното образование го завршил во 1887 година по што заминал на дошколување во Цирих,Швајцарија во 1890 година се префрлил во Берлин каде дипломирал како лекар во јули 1892 година со дипломската работа на тема „Професионални неврози", подоцна ја испечатил и објавил.

Friday, February 4, 2011

На денешен ден, 4 февруари 1872 г., пред точно 139 години беше роден Македонскиот Великан Гоце Делчев

Ѓорѓи (Гоце) Делчев (Кукуш, 4 фебруар 1872 – с. Баница, Серско 4 мај 1903) - идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење во крајот на XIX и почетокот на XX век. Бил рожба на својата епоха, кој го изразувал стремежот на македонскиот народ за ослободување од отоманското ропство. Израснат врз идеите и искуствата на европските и балканските револуционерни демократи, тој сиот свој животен пат и го посветил на македонската национална револуција. Како просветител и ревулуционер, идеен и воен лидер, воспитувач на првите чети и војводи, зaдграничен преставник, уставотворец и државник, тој бил еден од најголемите револуционери на Македонската револуционерна организација. Гоце бил апостол на македонскиот народ во борбата за самостојност и за национална држава.

Ѓеорги (Гоце) Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија, како прво машко дете, на бројната и угледна фамилија Делчеви. Неговите родители биле добро ситуирани и едно од најстарите семејства во Кукуш. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци. Како плод на овој брак се родиле десет деца - шест ќерки и четири сина. (Тинка, Руша, Цоца, Гоце, Тина, Лика (Велика), Еленка, Мицо, Милан и Христо).

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование  во учебната 1886/87 година.  Година  дена подоцна Гоце го напушта Кукуш и се запишува во IV клас на Солунската машка гимназија “Св Кирил и Методиј”. Близу половината ученици од класот биле дојдени од разни прогимназии од Македонија, меѓу кои се разменувала литература со социјалистичка содржина. Набрзо како ученик во солунската гимназија тој ја согледал ропската положба на македонскиот народ и со младински жар ги усвојувал основите на револуционерната филозофија.

По завршувањето на средното образование во Солун, Гоце се запишува во Военото училиште во Софија во 1891 година. Неговото натамошно школување придонесувало за појасно определување на ревулуционарната цел. Како питомец во военото училиште во Софија е откриен дека тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература. За ваквата активност бил казнет со исклучување од училиштето во 1894 година, без право да добие офицерски чин, а единствено добива сведителство дека го завршил курсот на училиштето.

Задоволен од пресудата и ослободен од стегите на бугарската униформа, Делчев ќе се ангажира на формирање на македонска револуционерна организација. Ваквите негови јасни ставови беа зацртани уште во јули 1893 година, кога во разговорот со Коста Шахов и Иван Хаџи Николов во Софија, ги прифатил принципите предложени од Хаџи Николов и се нафатил, како чесно и авторитетно лице, да учествува во формирањето на македонската револуционерна организација. Прифаќајќи го планот Гоце ќе рече: „Слушај, г. Хаџи Николов, толку време минало, нека мине уште една година. Јас в година го завршувам военото училште и ќе ме произведат за офицер. Ќе подадам оставка на офицерството, ќе дојдам во Солун и ќе ја основаме револуционерната организација. Откако ќе почнеме да работиме, ние ќе спечалиме авторитет и нема да има потреба да бараме друго авторитетно лице."

Назначен за учител во Ново Село, во Штип, Гоце Делчев се враќа во Македонија, во 1894 година, со јасна цел и визија. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Тајната македонска револуционерна организација, при што истакнувал дека: “Неопростиво е за нас, издигнати духовно повисоко, да трпиме и тегнеме и да чекаме други да не ослободуваат."

Во пролета 1895 година тој ја проширил мрежата на организацијата и преку Виница организирал тајни канали. Заедно до Туше Делииванов, за време на Велигденските празници извршиле една поголема обиколка низа Македонија. Тие ги посетиле Велес, Солун, Кукуш, Дојран, Гевгелија, Струмица и Радовиш и во текот на оваа обиколка биле формирани нови комитети, а воедно биле зацврстени постојните, со што дошло до зацврстување и проширување на организациската мрежа во Солунскиот вилает односно во Македонија.

Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на МРО: Даме Груев, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, за заземање на став кон Македонскиот комитет основан во Софија, подоцна преименуван во Врховен македонски комитет. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев, ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал  во Софија за да работи на спречување на мешањето на Бугарија  во внатрешните работи на македонското ослободително дело.  Во почетокот на 1896 г., организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница, а во фебруари во Штип, организирал протести против власта.

Во април 1986 година, учествувал на Солунскиот конгрес, на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето на организацијата. Со вклучување и на Одринско  дошло до промена на името од МРО во Тајна македонско-одринска револуционерна организациа (ТМОРО). Со Ѓорче Петров го изработиле Уставот и Правилникот на организацијата (1896), публикуван и дистрибуиран во 1897 г., каде што целта на дејствувањето на Организацијата била да издвојува со револуција политичка автономија за Македонија и за Одринско. Во септември Делчев бил назначен за главен учител во Банско, од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност во ноември 1896 г. и целосно се посветил на македонското ослободително дело, а во декември истата година ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија.

Должноста задграничен претставник ја извршувал до 6. X 1901 г. и бил подвижен член на ЦК .Во тоа својство бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со ревулуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви (1897) во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Вршел вооружување (во IV 1898) и тогаш во Македонија се појавиле првите вооружени чети на Организацијата. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите (1900). Со формирањето на селската милиција била доградена воената организација на МРО, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор.

На почетокот на јануари 1898 год. се  формирал четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник на сите чети во Македонија. За време на честите обиколки низ Македонија работи на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Цел е автономиjа или целосно ослободување на Македонија и Одринско од османлиското ропство и создавање на независна македонска држава. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини  во јули 1898 г. на Ватикан и ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. 

Неговата дејност имала две страни: преку својата учителска дејност просветно да ги издига масите, а во исто време со вонредни напори да ги подготви кон патот на револуцијата. Затоа тој постојано се занимавал со организациона работа, со собирање пушки и муниција, со организирање канали, со посветување на нови борци, со ширење на револуџонерна литература и најпосле со будење на заспаниот и од векови исплашен поробен народ. Во деновите на големите тешкотии тој не губел верба во успехот на делото. Страшните последици шго ги предизвикала во Организацијата познатата Виничка афера послужила како добро искуство за натамошната револуционерна дејност. По повод овие настани тој рекол: „Нема зошто да губиме вера во иднината. Во нашиот пат вакви афери и стравотии се природни. Во нив се крштаваме и ние и народот. Нема место зо сомненија и стравови.. "

Како миг низ цела Македонија се ширеле вести за неговата револуционерна апостолска дејност. Насекаде тој бил пречекуван како првенец на револуцијата, како долго очекуван предводник што доаѓа да го подигне и организира народот за спасоносното дело на револуцијата. Честите инспектирања на револуционерните реони од страна на Гоце Делчев придонеле многу за зацврснување на организационата мрежа и за будењето на масите. Се чувствувала нова ориентација и во целокупниот нивни живот. Неговата филозофија била тие да станат господари на сопствената судбина. Така, тој им велел на селаните во Костурско: „Не е убаво сега кога ние претставуваме една таква сила, да. одиме да се судиме кај Турците, ами се треба ние да земеме во свои раце".

Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во османлиската држава. На Солунскиот процес за новоселската афера (до почетокот на 1901), Делчев во отсуство бил осуден на смрт. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, околиските и селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма. За зацврстување на редовите на Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902).  На крајот од септември жестоко ја осуди врховистичката оружена акција во Горна Џумаја, објавена како востание.

За да го отстрани, или барем да го неутрализира разбивачкото влијание на бугарскиот двор и неговата агентура тн. "Врховен македонски комитет", Гоце, и како задграничен претставник, активно дејствувал врз нивните претставници да се откажат од неповиканото мешање во внатрешните работи на Револуционерната организација, која претставува единствен легитимен претставник на македоно-одринското ослободително движење, и да дејствуваат само како помошна сила за материјално помагање на Организацијата. Во нивното отстранување, Гоце водел бескомпромисна борба против мешањето на бугарските влади и челниците на врховистичките македонски комитети. Најпечатливи одгласи од неговата борба за зачувување на единството од надворешните мешања имала неговата отворена реплика со претседателот на Врховниот комитет, генералот Николаев, кого го предупредил дека додека неговото рамо ја крепи пушката, нема да дозволи присуство на бугарски офицери во Македонија. Иста цел имала неговата Директива во 1902 година за забрана на влегување на врховистичките чети од Бугарија, како и предупредувањето до официјална Бугарија” да не мисли за Македонија, туку да си ја чува Бугарија, зашто Македонците ќе си ја чуваат Македонија.”

Додека дејствувал за самостојност и независност на Македонската револуционерна организација, надворешните и инфилтрираните внатрешни орудија со Иван Гарванов, по инструкции од Владата и од Кнезот на Бугарија, подготвиле кревање предвремено востание во Македонија. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес (15–17. I 1903) за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија ,со раководните кадри да издејствува повлекување на решението. На 19-20 април истата година Гоце Делчев пристигнува во Солун, каде има неколку среќавања со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение. Со него го разгледува прашањето за подигање на востанието, но не успева да го разубеди. Од Солун се упатил на конгресот на Серскиот револуционерен округ закажан за 6 мај. Пристигнал во с. Баница, Серско на 3 мај. На целиот пат од Софија до Солун и потоа, бил следен и бил предаден. Во зорите на 4 мај 1903 год. Гоце Делчев и неговата придружба се известени од јатаците дека се опсадени од турската војска (аскер). Гоце наредува да излезат од куќата каде биле сместени и да се повлечат за да го спасат селото од зулум Тоа кобно утро за македонскиот народ, во борбата со турската војска, загина Гоце Делчев.

Неговото загинување ќе предизвика голем интерес и внимание на печатот во Европа и Америка, кои заради актуелноста на македонското прашање во почеточсот на XX век, внимателно ги следат настаните во Македонија. Смрта и ревулуционерно дело на Гоце Делчев ќе биде забележана од дописниците на лондонски „Тајмс", „Ројтер", „Le Теmрѕ”, „Дејли Њус", љубљански „Словенец", трстјанскиот весник „Единост", „Београдске новине", загрепскиот „Обзор" и др. Лондонскиот „Тајмс", на 9 мај 1903  година ќе објави дефинитивиа вест за смртта на Делчев, која ја „вознемирила дипломатската рамнотежа". Дописникот на лондонскиат „Дејли Њус", Џон Макдоналд ќе напише во своите спомени дека: „Делчев беше главен организатор, државник на револуциоиерното движење, идол на македонското селанство", додека Н. Рогдаев, ќе забележи дека:   „Душата на македонската организација беше Гоце Делчев - тој балкански Гарибалди. - тип на неуморен народен револуционер". Сите дописници во тоа време во едно се сложуваат, дека смрта на Гоце преставува „нова загуба која ќе биде непроценлива за иднината на востаниего".

Неговото име стана легенда вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. Неговите посмртни останки прво се чуваат во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребени во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден“. Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.

Sunday, January 30, 2011

60 години од смртта на нашиот револуционер Пабел Шатев

Павел Шатев е роден во Кратово на 15 Јуни 1882 година.Тој бил македонски револуционер ,деец на македонската организација.Тој исто така бил и член на Гемиџиите и еден од солунските атентатори.Потоа станал основач на ВМРО(обединета).Бил и член на масонската ложа.

Tuesday, January 18, 2011

Македонија во Балканските војни

УЧЕСТВОТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

Балканските држави (Србија,Бугарија,Грција и Црна Гора) во 1912 година го формираа Балканскиот сојуз.Целта на сојузот беше да ги протераат Османлиите од Балканот и поделба на завладеаните територии.По отфрлувањето на ултиматиумот од страна на Турција,во октомври 1912година балканските земји и објавија војна на Османсликата Империја и со тоа започна првата Балканска војна.
Со надеж дека ке се ослободат од долговековното робување Македонците биле на страна на Балканскиот сојуз.Четите на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО) учествуваа во борбите против Османлиската Империја.Во борбите учествуваа и 14.000 македонски доброволци под команда на бугарската армија,а дури во редовите српската или на грчката војска.Особено активна беше четата на Јане Сандански.По Првата балканска војна делови од Македонија беа анектирани од Србија,од Грција (со Солун),и од Бугарија.
Поразената Турција ги прифати преговорите за мир кој се водеа во Лондон (1912).Во текот на преговорите се појавија сериозни недоразбирања меѓу сојузниците за начинот како да се подели турското територијално наследство.Во текот на Лондонскиот договор Србија и Грција вклучија таен договор против Бугарија.Кон крајот на јуни 1913година,бугаркста војска ги нападна српските и грчките војски и на тој начин почна Втората балканска војна.На страна на Србија и Грција се приклучија Романија,Турција и Црна Гора.Бугарија беше воено поразена.Втората балканска војна доби отворен завојувачки антимакедонски карактер,а грчките војски се истакнаа со своите злосторства врз македонското цивилно население.

БУКУРЕШКИОТ МИРОВЕН ДОГОВОР И НЕГОВИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Поразената Бугарија ги прифати преговорите за мир што се водеа во главниот град на Романија Букурешт(1913).Со Букурешкиот мировен договор Македонија беше поделена меѓу Грција(Егејскиот дел на Македонија),Србија(Вардарскиот дел на Македонија),и Бугарија(Пиринскиот дел на Македонија).Подоцна Албанија ја доби Долна Преспа и Голо Брдо,каде што живее македонско христијанско и муслиманско население.

Македонско револуционерно национално ослободително движење (1893-1912)

На 23.X/4.XI 1893 година во Солун била формирана Македонската револуционерна организација.Нејзини основачи се Дамјан Груев,Иван Хаџи Николов,Петар Поп Арсов,Христо Татарчев,Андон Димитров и Христо Батанџиев.МРО,според својата програма,се залага за извојување политичка автономија на Македонија во рамките на Османлиската Империја.Тоа требало да претставува преодна етапа кон идна независност.За таа цел МРО го подготвувала населението за востание.

МРО се раководела според устави и правилници.Во нејзиниот развој доаѓало до промени на името.Така,во 1896 год. била преименувана во Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО),а во 1905г. во Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација(ВМОРО).Во уставот од 1986г.е потенцирано дека член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец.Исто така организацијата потенцирала дека ќе се бори против шовинистичките пропаганди и националните расправии,кои го кинат и обессилуваат македонското и одринското население.

На Солунскиот јануарски конгрес од 1903год.била донесена одлука за востание во Македонија.Во Мај 1903год.на Смилевскиот конгрес била донесена одлука за востание на Битолскиот револуционерен округ.Тогаш бил избран Главен штаб на востанието во Битолскиот округ.Во него влегле:Дамјан Груев,Борис Сарафов и Анастас Лозанчев.ГШ одлучил Востанието да започне на празникот Св.Илија,ноќта 2 кон 3 август.На Смилевскиот конгрес,исто така,бил изработен Востанички дисциплински устав.

Нашиот фудбалски клуб ФК ПЕЛИСТЕР

ФК Пелистер е фубалски клуб од Битола,Македонија,кој моментално настапува во првата македонска лига.Клубот е формиран по ослободувањето во 1945година, иако негови претходници во Битола егзистираат од 1924 година.Клупските бои на Пелистер се зелената и белата.Клибот игра на градскиот стадион под Тумбе кафе.Навивачите на Пелистер се викаат чкембари.

ИСТОРИЈА НА КЛУБОТ

Клубот има долгогодишна фудбалска историја со оглед на тоа што ФК Пелистер како име се среќава уште во далечната 1924.Оттогаш па наваму, клубот ја презентирал Битола во државава, а и на просторите на СФРЈ и во странство.ФК Пелистер е формиран во 1924, најпрво под името „Омладина“, по што било сменато во „Пелистер“ а подоцна во „СК Битола“. Повторно се појавил под старото име „Пелистер“ по ослободувањето во 1945,по што веќе во 1946 да станал првак во битолскиот фискултурен округ. Истата година се споил со ФК Работник, но го задржал името Пелистер. Некои од попознатите играчи од тоа време се Ѓеоргиевски, Димитровски, Т. Петровски, Наумовски, Лазаревски, Шекерџиевски, Аврамовски, Несторов и Ефтимовски. Пелистер за прв пат во својата историја влегол во втората југословенска лига во сезоната 1974/1975.Пелистер не успеал да се задржи подолго време во втората лига, но подоцна се вратил повторно во 1982кога на чело на клубот биле Митко Бутлевски и тренерот Иван Чабриновиќ.Пред распаѓањето на Југославија Пелистер настапувал и во првата сојузна лига.По осамостојувањето на Република Македонија Пелистер континуиарно се натпреварувал во првата македонска фудбалска лига сѐ до сезоната 2002/2003 кога клубот испаднал од највисокото натпреварување во Македонија.Пелистер досега нема освоено шампионска титула, но има освоено една титула од купот на Македонија во 2001.Наредната сезона настапил во УЕФА купот,но не успеал да ја помине првата пречка и загубил од швајцарскиот тим Сент Гален со вкупен резултат од 4-3.